ИНТЕРВЈУ I НИКОЛА ЈОШЕВСКИ: Фокусот на финансиските друштва веќе не е квантитетот, туку квалитетот и довербата

По периодот на брз и динамичен раст, небанкарските финансиски друштва во Македонија во 2025 година влегоа во фаза на консолидација, професионализација и созревање. Фокусот се префрли од квантитативен раст кон квалитет: подобри внатрешни процедури, поголема транспарентност, посилна заштита на потрошувачите, подобрено корисничко искуство и усогласување со европските стандарди и практики.

За 2026 година се очекува дополнително зајакнување на регулаторната рамка, целосна дигитализација на клучните процеси, воведување на одржливи (зелени) финансиски практики и уште потесна соработка со регулаторите, регионалните асоцијации и европските трендови – вели во интервјуто за Пари, во името на членките од Групација на небанкарски финасиски друштва при Стопанската комора, претседателот Никола Јошевски.

ПАРИ: Дали 2025 година е поразлична за финансиските друштва од претходните години? Дали имаше напредок?

ЈОШЕВСКИ: 2025 година претставува пресвртна точка за финансиските друштва – од брз раст кон созревање и консолидација на секторот. По години на раст, акцентот се премести кон квалитет на услугите, зајакнување на интерните контроли, подобрување на етичките стандарди и усогласување со построгите регулаторни барања. Секторот продолжи да се унапредува, особено во делот на дигитализација, транспарентност и корисничко искуство.

Регулативата, вклучително измените од претходните години, засилениот надзор од Министерството за финансии, како и воведувањето на Етичкиот кодекс во јуни 2025, донесоа поголема дисциплина и ред.

Сето ова придонесе за издвојување на посериозните и одговорни играчи, намалување на бројот на друштва (од околу 35 во 2022 на 26 во 2025), зголемена доверба кај јавноста и позиционирање на македонската регулатива меѓу најстрогите во регионот и Европа.

Напредокот е евидентен и тоа преку подобрено управување со ризици, стандардизирани процеси и фокус на одговорно кредитирање без презадолжување.

ПАРИ: Кој е најзначајниот напредок кај финансиските друштва постигнат минатата година?

ЈОШЕВСКИ: Воспоставувањето на појасни, построги и транспарентни внатрешни процедури, со фокус на:  зголемена транспарентност кон клиентите; стандардизирани и контролирани процеси за одобрување и наплата; значителна дигитализација (особено кај водечките друштва); подобрени механизми за управување со кредитен ризик. Овие промени ја подигнаа општата професионалност на секторот, го намалија ризикот од прекршоци и поставија цврста основа за одржлив и здрав раст во иднина.

ПАРИ: Какви се очекувањате за оваа година?

ЈОШЕВСКИ: Во 2026 се очекува понатамошно зајакнување и подобрувње на регулаторната рамка, со уште поголем акцент на заштита на потрошувачите, транспарентност и целосно усогласување со ЕУ-директивите за микро-финансирањето и финтек.

Воедно, значително подобрување на корисничкото искуство што ќе доведе до проширување на клиентската база, целосна дигитализација кај поголем дел од друштвата, воведување иновативни производи и услуги со побрзи, поефикасни и поудобни решенија, зголемен фокус на зелени/одржливи финансиски практики и континуирана конструктивна соработка со регулаторот (Министерство за финансии) и регионалните мрежи.

Крајна визија е секторот да се развива како модерен, одговорен, технолошки напреден и флексибилен дел од финансискиот систем во земјата.

ПАРИ: Зошто се потребни финансиските друштва и каква е нивната улога за економските субјекти?

ЈОШЕВСКИ: Небанкарските финансиски друштва ја пополнуваат празнината што традиционалните банки често не можат или не сакаат да ја покријат. Тие нудат брз, флексибилен и достапен пристап до финансии за домаќинства, мали и микро-претпријатија, за самовработени лица, стартапи, за земјоделци.

Со тоа директно придонесуваат за зголемена ликвидност, економска активност, создавање работни места и финансиска инклузија – особено за оние субјекти со ограничен пристап до класичните банкарски кредити.

ПАРИ: Какви се состојбите во регионот и каква е улогата на Балканската асоцијација?

ЈОШЕВСКИ: Во Западен Балкан небанкарскиот финансиски сектор (микро-финансирање и финтек) континуирано расте. Притоа се соочува со слични предизвици: регулаторна хармонизација, заштита на потрошувачи, дигитализација и финансиска инклузија.

Регионалната конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник од 5 до 7 ноември лани, ја потврди важноста на овој сектор, потребата од размена на искуства, регионална координација и приближување кон европските практики.

Балканската асоцијација која ги обединува финансиските друштва за микрофинансирање од регионот служи како клучна платформа за дијалог, соработка, споделување добри практики и усогласување на стандардите меѓу земјите од регионот.

ПАРИ: Неодамна се формира Балканска финтек асоцијација. Која е идејата?

ЈОШЕВСКИ: Во соработка со меѓународните финансиски институции се формира Балканската финтек асоцијација. Идејата е да се создаде силна регионална платформа за поддршка на финтек иновациите на Балканот. Со тоа ќе се овозможи размена на знаења и најдобри практики, подобра комуникација со националните регулатори, следење и имплементација на европските и глобалните трендови, како и заедничко позиционирање на регионот како динамичен, конкурентен и иновативен финтек-хаб.

Целта е Балканот да стане препознатлив како регион што успешно комбинира технологија, модерни финансии и одговорно, инклузивно работење – во корист на граѓаните, бизнисите и економскиот развој.

Mint App offers advanced solutions that simplify and enhance the way you manage your everyday finances. With innovative features and secure technology, the app takes financial management to the next level.

mint_app